Блог на една мајка

The Blog

Интервју со стоматолог Д-р Дарко Поп Ацев


Како што ви ветив мамулки еве интервју со стоматолог.  Ова е мој драг пријател стоматолог, заедно пливавме цели 8 години од почеток па се до наше откажување. Уште од тогаш имаа стоматолошка ординација „ПОП АЦЕВИ„ една од најпознатите и најстарите во Скопје. Многу ми е драго што ова интервју го правам со него и што навистина се работи за квалитетен пред се човек, како на приватно така и на професионално ниво.

Мери (МОЈА ФИТНЕС МАМА): Дарко ајде прво кажи ни  нешто повеќе за вашата стоматолошка ординација.

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција: Стоматолошката ординација „Поп Ацеви“ се наоѓа близу фонтаната кај градскиот парк и постои од 1997 година. Нашиот тим е составен од кадри кои се специјалисти во својата област. Д-р Татјана Поп Ацева е специјалист по стоматолошка протетика, а д-р Сашо Поп Ацев е специјалист по орална хирургијаТие имаат работено како асистенти на стоматолошкиот факултет во Скопје, а дел од својата специјалистичка едукација ја имаат проведено во Париз, Франција. Д-р Дарко Поп Ацев е специјалист по ортодонција и има докторирано во истата област. Како посдокторанд има работено на катедрата по ортодонција на медицинскиот факултет во Ријека, Хрватска.

Со тоа, стоматолошката ординација „Поп Ацеви“ ги покрива сите области на стоматологијата и им стои на располагање на пациентите од детска па се до најстара возраст.
Мери (МОЈА ФИТНЕС МАМА): Супер, некои работи навистина не ги знаев за вас.

Ајде сега да почнеме со прашања. Ова се најчести прашања со кои се соочуваме ние мајките кога се во прашање заби.

1, Дали е точен митот дека после бременоста, забите се расипуваат? Има ли влијание исхраната? Јас многу јадев мандарини на пример и некаде 4 месеци кога беше Марта, два месеци идев само на забар, 6 заба пломбирав. 

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонцијаНесомнено е дека хормоните кои се излачуваат за време на бременоста предизвикуваат низа промени како во целото тело така и во усната празнина. Најчеста промена која се јавува во устата за време на бременоста е гингивитисот-воспаление на гингивата. Гингивата добива црвена боја и е отечена. Добрата орална хигиена може да помогне во превенција или пак намалување на ова воспаление. Затоа често се препорачува посета на стоматолог за време на овој период.
Мери (МОЈА ФИТНЕС МАМА): Ете , јас многу се исплашив кога почнаа да ми крварат непцата на секое миење заби, знам користев паста и вода за промивање на воспалени непца. Значи трудницни мои редовна посета на стоматолог и внимание на непцата нормално е да крварат, НЕ ПАНИЧЕТЕ.
 
 Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонцијаШто се однесува до исхраната, секако дека таа има влијание за оралното здравје. Сите знаеме дека слатките се лоши за забите. Тие претставуваат шеќери кои се идеална подлога за развој на бактериите кои го нагризуваат забот. Истото се случува и со останата исхрана која содржи јаглехидрати (леб, тестенини, грицки). За шеќерите сите знаат, меѓутоа верувам дека луѓето помалку знаат за тоа дека овошјето како што се цитрусите (лимони, портокали, мандарини) поради нивната киселост тие го нагризуваат забот и предизвикуваат негова ерозија. 

 2. Во кој период излегуваат запчињата?

 Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција:  Млечните забчиња почнуваат да никнат во период од 6-8 месеци. Меѓутоа често се случува кај некои дечиња тие да никнат порано или покасно од оваа возраст, што секако не претставува никаков проблем.

3. Дали пломбирањето заби за време на бременоста е штетно?

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција: Не, може да се пломбираат заби, но да се избегнува снимање со рендген.

4. Кои се првите знаци дека бебето вади заби? И како да се помогне.

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонцијаНе постојат универзални знаци за ова. Но често може да се присутни еден или повеќе знаци како што се чешање во пределот на гингивите кога бебињата постојано џвакаат цврсти предмети, појава на отоци на гингивите, нервоза, неможност за спиење, лигавење и одбивање на храна или шишенцето со кое се храни бебето.
Мери (МОЈА ФИТНЕС МАМА): Да му се помогне на бебето треба да се гушка да се разбере неговата болка, да се дава да цица, доколку не цица да му се нуди цуцла лажачка. Јас на Марта ништо не и давав кога и излегуваа заби, беше нервозна и и ставаше раце, цицаше многу. На инстаграм мајки ми имаа пишано дека користеле бело вино или со урми ги премачкувале непцињата на бебињата.

5. Каков е редоследот на излегување на запчиња и во кој месец најчесто излегуваат?

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција: Најпрвин никнуваат долните централни инцизви (долните единици) околу 6-8 месечна возраст, потоа никнуваат горните централни инцизиви (горните единици), горните латерлани инцизиви (горни двојки), па долните двојки. Потоа продолжуваат да никнуваат запчињата во бочната регија најпрвин 4ките (првите млечни молари), па 3ките (канините) и на крајот околу 2.5 годишна возраст вторите млечни молари (петките).

 6. За прави  заби се вели да не се цица прст, дали прстот да се замени со цуцла лажливка и дали има врска дали бебето користи многу цуцла или не?

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонцијаЦицањето прст е лоша навика и претставува еден од главните фактори за никнување на криви заби (и останати ортодонтски аномалии). Цуцлата има свои добри и лоши страни. Добрите се дека го смирува детето и полесно заспива. Лошите пак меѓу останатото се и од дентален аспект. Користењето на цуцлата во првите неколку години не претставува проблем. Но продолженото користење доведува до појава на ортодонтски аномалии како што се криви заби и неправилен однос на горната и долната вилица.

7. Зашто најчесто запчињата се криви? Дали има влијание генетиката?

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција: Генетиката секако има голема улога. На пример детето наследило од едниот родител мала вилица, а од другиот големи заби. За истите ќе нема доволно простор за правилен распоред па забите никнуваат искривени. Причина секако дека се и лошите навики како што се цицањето на прст или пак тискањето на јазикот нанапред.

8. Кога да почнат да се мијат запчиња? Веднаш штом излезе првото запче или да се чека да излезат на пример 4 или 8  заба?

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција:  Забите може да почнат да се мијат одма штом излезе првото запче, а до тогаш устата и гингивите на бебето може да се промиваат со обична водичка после секое јадење.

 9. Дали се препорачува да се мијат само со вода или со бебешки пасти без флуор?

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција:   Млечните заби кога ќе изникнат продолжуваат да се мијат со бебешка паста без флуор со четкичка со меки влакна. Количината на пастата на четкичката е колку зрно ориз.

10. Кога се оди на прв стоматолошки преглед?

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција: На прв стоматолошки преглед најпожелно е да се дојде штом излезе првото запче или на околу 6 месечна возраст.

11. Дечињата обично имаат страв од стоматолог, како ги анимирате и некој совет за мајките како да ги натераат дечињата да одат на заболекар?

Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција:  Најдобро е дечињата да се носат на стоматолог уште како мали, за да се запознаат со атмосферата, ќе ги гледаат мама и тато како ги прегледуваат нивните заби, да видат дека ништо не е страшно. Потоа ќе се „повозат“ и они на столчето ако биле умни, се разбира…се со цел децата да се осетат пријатно во таа околина и да им стане позната. Затоа е убаво родителите да не чекаат кај детето да се јави потреба од стоматолог за да ги донесат прв пат, бидејќи тогаш првото искуство ќе биде болно и кај детето ќе се јави страв и фобија од стоматолог.
Мери (МОЈА ФИТНЕС МАМА): Ти благодарам Дарко дали имаш уште нешто да додадеш ?
Д-р Дарко Поп Ацев специјалист по ортодонција: Мислам дека не, се опфати со прашањата. Еве уште еднаш ќе повторам пред да се забремени да се направат сите заби, во текот на бременоста да се посетува редовно стоматолог. Децата на време да се носат на забар. Да не се плашите од нас стоматолозите и насмеани да доаѓате кај нас. Ти благодарам и на тебе Мери, ми беше задоволство.

Автор: Мери Амбросова

[ssba-buttons]